„Иновации во движење“ е генералната тема на годинашниот Светскиот конгрес на Меѓународната унија за патен транспорт (IRU), што ќе се одржи од 6 до 8 ноември во градот Мускат во Оман. Конгресот ќе претставува единствена платформа за глобалните носители на одлуки за размена на идеи, дебатирање за решенија за голем број прашања и предизвици во оваа област, како и за функционирањето на транспортната индустрија во иднина. Покрај високи претставници на ИРУ, како и лидери од земјите на Заливот, Блискиот Исток, Европа, Азија и други региони, на конгресот се очекува да учествуваат владини претставници од министерствата за транспорт и за трговија, потоа од царината и органите за мобилност, од бизнисот – транспортните оператори, мултинационални и регионални фирми, како и раководители од меѓународните организации – од главните агенции на ОН во транспортот и трговијата, други мултилатерални и невладини организации, од национални и регионални транспортни здруженија, медиуми… Притоа, најавени се повеќе од 20 интерактивни и тематски сесии, со можност за мрежно поврзување, самити на министри и извршни директори, како и специјални настани каде што учесниците ќе ја прикажат иднината на индустријата за патен транспорт.
Иновацијата отсекогаш била движечка сила во патниот сообраќај и со понатамошно подигање на границите на мобилноста, таа им овозможува на луѓето и стоките да се движат побрзо, поевтино и побезбедно. Во овој век, патниот транспорт станува сè подигитален, поповрзан и поавтоматизиран – револуцијата започна, па новите технологии, бизнис-моделите, законите и инвестиционите стратегии, заедно со менувањето на трговските модели, на потребите на пазарот и очекувањата за декарбонизирани и нови енергетски сценарија се предизвици за индустријата, нејзините регулатори и нејзините добавувачи.
Едноставно, услугите за патен транспорт се јасно неопходни во поврзаниот свет. Сепак, оваа револуција ја става индустријата на раскрсница и нејзиниот хоризонт е нејасен. Оттука, се очекува овој конгрес на ИРУ да даде видувања и глобални решенија за некои регионални предизвици, при што прашањата кои ќе се разгледуваат се: што можеме да научиме од новите бизнис-модели, како може индустријата да прифати дигитализација и дали целосна дигитализација и автоматизација ќе значи крај на дискриминацијата на владата, потоа, како може да се транспортира стока побрзо, побезбедно и поевтино, кои глобални решенија се потребни за решавање на регионалните предизвици, како можат транспортните бизниси да им помогнат на регулаторите да реагираат побрзо за менување на пазарните структури, како регионите и земјите можат подобро да работат заедно и секако – која е иднината на транспортната индустрија?
IRU, светската организација за патен транспорт, заедно со Министерството за транспорт и врски на Оман сметаат дека е време светските лидери во патниот сообраќај да се состанат за да се справат со овие главни предизвици. Изборот на Оман за домаќин на конгресот е затоа што тоа е еден од светските напредни логистички центри за трговија и транспорт, во срцето на динамичниот регион на Арапскиот залив. Од друга страна, Мускат, кој има прекрасна локација покрај Арапското Море и каде што ќе се одржи конгресот, е модерен град со одлични директни транспортни врски со регионот и со поголемите градови во Европа и во Азија.
Дополнителни информации на www.iruworldcongress.com