Во продолжение можете да ги проследите најчесто поставуваните прашања и одговори поврзани со тахографските уреди и мемориските картички:
Дигитален тахограф е уред во патниот сообраќај за бележење на брзината и поминатиот пат, како и за времето на работа и одмор каде што податоците се запишуваат во работната меморија и во мемориската картичка, а истиот овозможува чување на податоците за период од 365 дена.
Согласно Законот за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај, возилата кои првпат ќе се регистрираат во Република Македонија (без оглед на тоа дали станува збор за новоувезено или половно возило) од 16 јуни 2010 година чија максимална маса со приклучното возило надминува повеќе од 3,5 тони и автобусите конструирани или трајно приспособени за превоз на повеќе од девет патници вклучувајќи го и возачот мора да имаат вграден дигитален тахограф.
Постојат четири видови на мемориски картички (возачка картичка, картичка на превозникот, контролна картичка и работилничка картичка).
Возачката картичка го идентификува возачот и овозможува складирање на податоците за активноста на возачот. Возачката картичка е со важност 5 години.
Картичка на превозникот е мемориска картичка издадена на сопственикот или изнајмувачот на возилата со вграден тахограф. Картичката на превозникот го идентификува превозникот, овозможува приказ, префрлање и печатење на податоците кои се наоѓаат во тахографот. Картичката на превозникот е со важност 5 години.
Контролната картичка го идентификува службеното лице од органот за надзор кое ја врши контролата и овозможува да се добие пристап до податоците складирани во меморијата за податоци или во возачката картичка за читање, печатење и/или префрлање на податоци. Контролната картичка е со важност 2 години.
Работилничката картичка го идентификува сопственикот на картичката и овозможува тестирање, калибрација и/или префрлање на податоците од тахографот. Работилничката картичка е со важност од 1 година.
Постапката за издавање на возачка картичка, а и на било кој друг вид на мемориска картичка (картичка на превозникот, контролна картичка и работилничка картичка), се иницира со поднесување на барање со прилог на соодветна документација до СИЗ „Македонија Сообраќај“ АМЕРИТ – Скопје, како носител на јавно овластување за имплементирање на системот за дигитални тахографи на територијата на Р. Македонија. По барањето за издавање на мемориски картички се одлучува во рок од 15 дена од денот на поднесување на барањето. Цената на картичката е 32 евра + 18% ДДВ во денарска противвредност.
Картичката на превозникот е клуч за снимените податоци. Меѓутоа, по потреба овластена работилница може да ги преземе податоците со употреба на работилничка картичка, при што само податоците релевантни за превозникот ќе им бидат врачени од страна на работилницата. Картичката на превозникот е клуч за да се овозможи преземање на податоци, но таа не ги чува преземените податоци.
Доколку возачката картичка е оштетена, неисправно работи или е изгубена или украдена, возачот мора на лентата за печатење од задната страна да ги запишува рачно сите активности кои ги извршува од моментот кога е спречен да ја употреби возачката картичка. Тоа мора да се прави секојдневно додека трае патувањето, на крајот од денот, со обврска да прави дневни отпечатоци. Забрането е да се вози повеќе од 15 дена без валидна возачка картичка.
Во менито за печатење селектирај активности од возилото за одреден ден. Возачот мора да направи отпечаток на почеток и на крај од работниот ден и овие два отпечатоци да ги чува заедно.
Во случај на дефект или неправилност во работењето на тахографскиот уред, потребно е, штом тоа го овозможат околностите, возилото да се даде на поправка во овластената работилница. Доколку возилото не може да се врати во базата во рок од недела дена од денот на настанувањето на дефектот или на откривањето на неправилностите во работењето, поправката се обавува на патот.
Податоците од возачката картичка се преземаат на секои 28 дена користење, а податоците од дигиталниот тахограф се преземаат на секо 90 дена користење, со обврска за чување 24 месеци.