Лефтер Андонов: Професионалните возачи од херои до жртви

Информација од Амбасада на Република Северна Македонија во Киев
04/06/2020
Дозвола за движење во полициски час
11/03/2021

Лефтер Андонов: Професионалните возачи од херои до жртви

Новите мерки кои ги воведоа Германија, Тирол (Австрија) и Чешка создадоа хаос во товарниот транспорт, сериозно наштетувајќи му на синџирот на достава. Воведена е обврска за задолжителен негативен КОВИД-19 тест и за професионалните возачи. По одлуката на Германија, да ги стави Чешка и Словачка во групата земји каде има варијанти на вирусот непознат за Германија, како реципроцитет и Чешка воведе обврска за возачите во меѓународниот транспорт кои ја транзитираат Чешка со дестинација Германија, да имаат негативен КОВИД-19 тест. Домино ефект од кој штета имаат само транспортерите.

Возачи од цела Европа и од Македонија, со денови се заглавени во Германија, на минусни температури, чекајќи групирани во стотици да направат тест на одредени пунктови. Со ова всушност се зголемува и можноста на ширење на вирусот! Возачите се изолирани во своите кабини и треба да бидат изземени од обврската за тестирање.

Меѓународната унија за патен транспорт ИРУ, реагираше со писмо до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, а одговорот беше дека мора да се почитуваат зелените коридори и дека товрниот транспорт не смее да застане.

Тука е и дискриминацијата на возачите од трети земји, земји кои не се членки на ЕУ, нашите возачи. Различниот третман на транспортните професионалци кои пристигнуваат од трети земји ќе доведе до значително заостанување на надворешните граници на ЕУ.

Обврската за електронски најави, во секоја земја различни формулари, ја обременува работата на транспортните компании, а последици од неисполнување на овие обврски се секако високите казни.

Не е доволно да ги нарекуваме херои, треба да им помогнеме. Професијата се соочува со недостиг на кадар, а со ова проблемот уште повеќе се зголемува. Возачите не сакаат да бидат тестирани секој втор ден, да одат на пунктови каде се прават огромни гужви, а со тоа и голем ризик од ширење на вирусот.

СИЗ Македонија Сообракај АМЕРИТ, реагираше кај сите надлежни институции, да завземат единствен став пред Европската Комисија, да се изземат возачите од обврската за негативен тест, и да не се нарушува меѓународниот товарен транспорт. Возачите работат сами, деновите ги поминуваат во сопствен карантин, во кабината на возилото и почитуваат строги мерки за заштита од вирусот. Веќе го видовме хаосот во декември кој настана поради воведувањето на Франција тестови за возачите кои доаѓаат од Англија, и како резултат на тоа се блокираше клучната трговска рута. Да ги оставиме возачите да ја работат својата работа и да не дозволиме повторување на кризата во Довер на Европскиот континент“, реагира управителот Лефтер Андонов, СИЗ Македонија Сообракај АМЕРИТ.