ЗАКОН ЗА РАБОТНОТО ВРЕМЕ
Закон за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај
КОНСОЛИДИРАН ТЕКСТ 1Закон за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.161/2009; 17/2011 и 54/2011).
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Предмет и цел на Законот
Член 1
Со овој закон се уредуваат работното време и задолжителниот одмор на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај, времето на управување со моторно возило, прекин на управување со возилото и периоди на одмори на возачите кои вршат превоз на стока и патници во патниот сообраќај, начинот, условите и постапката за добивање на овластување за работилница и уредите за записи во патниот сообраќај (тахографи).
Целта на овој закон е да се подобрат условите за работа и безбедност на заштита на работниците кои вршат мобилна дејност во патниот сообраќај и на возачите, подигање на нивото на безбедност во патниот сообраќај, изедначување на условите на пазарот, како и обезбедување на зајакната контрола во патниот сообраќај.
Област на примена и исклучоци
Член 2
Овој закон се применува на мобилните работници кои учествуваат во извршување на активности во патниот сообраќај, возачите, како и на физички лица – превозници во согласност со Европскиот договор за работа на екипажите на возилата што вршат меѓународен патен превоз (во натамошниот текст: AETR).
Овој закон се применува на возачи на возила чија максимална маса е поголема од 3,5 тони и возачи на возила чија максимална маса на возилото со приклучно возило надминува повеќе од 3,5 тони и автобусите конструирани или трајно приспособени за превоз на повеќе од девет патници вклучувајќи го и возачот.
Возила чија максимална маса со приклучното возило е поголема од 3,5 тони и автобусите конструирани или трајно приспособени за превоз на повеќе од девет патници вклучувајќи го и возачот, мора да имаат вграден тахограф.
Овој закон се применува во патниот сообраќај без оглед на државата во која е регистрирано возилото, ако превозот се врши:
а) на територија на Република Македонија или
б) меѓу Република Македонија и држава членка на Европската унија.
Во меѓународниот патен сообраќај што се врши целосно или делумно надвор од територијата на Република Македонија и надвор од земјите членки на Европската унија, ќе се применуваат одредбите од AETR, и тоа:
а) на возила регистрирани во Република Македонија и во државите што се договорни страни на AETR, во текот на целото управување со возилото и
б) на возила регистрирани во држава која е договорна страна на AETR и на возила регистрирани во држава која не е договорна страна на AETR, на делот од управување со возилото на територијата на Република Македонија.
Овој закон не се применува на возила во патниот сообраќај:
а) со кои се врши јавен линиски превоз на патници на линии со вкупна оддалеченост до 50 километри;
б) кои не можат да постигнат брзина поголема од 40 km/h,
в) во сопственост или под закуп на Армијата на Република Македонија, полицијата, Дирекцијата за заштита и спасување и службата за противпожарна заштита, ако превозот е во врска со активности што ги вршат овие служби и се извршуваат под нивна контрола;
г) што вршат некомерцијален превоз на хуманитарна помош во вонредни околности или спасувачки операции;
д) кои се специјализирани за медицински цели;
ѓ) кои се специјализирани за поправка на дефекти и се движат во опфат од 100 километри од седиштето на фирмата;
е) кои се тестираат на патот поради технички развој, одржување или поправка, или нови возила или преправени возила кои не се регистрирани;
ж) на возила или комбинации на возила чија максимална маса не е поголема од 7,5 тони, а кои се користат за некомерцијален превоз на стоки и
з) на комерцијални олдтајмери, кои се користат за некомерцијален превоз на патници и стоки.
Член 2-а
Во постапката при вршење на инспекциски надзор ќе се применуваат одредбите од Законот за инспекцискиот надзор доколку со овој закон поинаку не е уредено.
Член 3
Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:
1. “AETR” е Европски договор за работа на екипажите на возилата што вршат меѓународен патен превоз;
2. “Тахограф” е уред кој се вградува во возила за автоматско или полуавтоматско прикажување и запишување на одделни податоци за движењето на возилото и за одредени работни периоди на возачите кои го возат возилото. Тахографот може да биде аналоген и дигитален;
3. “Превоз во патниот сообраќај” е превоз на патници и стоки кој целосно или делумно се врши на јавни патишта, вклучувајќи управување на празно или натоварено возило;
4. “Дневен одмор” е период од денот во кој возачот може слободно да располага со своето време, а вклучува „редовен дневен одмор” и „скратен дневен одмор”:
– „редовен дневен одмор” е непрекинат период на одмор од најмалку 11 часа или кога се користи во два дела од 12 часа, од кои првиот дел од одморот мора да трае непрекинато најмалку 3 часа, а вториот непрекинато најмалку 9 часа и
– „скратен дневен одмор” е непрекинат период на одмор помал од 11 часа, но не помал од 9 часа;
5. “Дневно време на управување со возило” е вкупното време на управување со возило меѓу крајот на еден дневен одмор и почетокот на следниот дневен одмор или меѓу дневниот одмор и неделниот одмор, како и меѓу неделниот одмор и дневниот одмор;
6. “Линиски превоз на патници” е внатрешен или меѓународен превоз на патници, кој се врши со автобуси кои се изградени или трајно адаптирани за транспорт на повеќе од девет патници вклучувајќи го и возачот, на одредена линија по однапред утврден возен ред, врз основа на дозвола и утврдена и објавена цена на превозот;
7. “Мемориска картичка” е картичка која се користи со тахографскиот уред и овозможува идентификација на идентитетот на сопственикот на картичката (или идентитетот на групата) и овозможува префрлање на податоците и нивно складирање од тахографскиот уред;
8. “Мобилен работник” е секој работник кој е дел на превозниот персонал, вклучувајќи и приправници и лица на обука, кои се вработени кај правното лице кое извршува превоз на патници или стоки како јавен превоз или превоз за сопствени потреби;
9. “Ноќна работа” е работата што се одвива во текот на ноќно време;
10. “Ноќно време” е периодот од најмалку четири часа, меѓу 22,00 и 06,00 часот;
11. “Одмор” е непрекинат временски период во кој возачот може слободно да располага со своето време;
12. “Други работни задачи” се активности кои се дефинирани како работно време во точката 18 од овој член, освен работи за управување со возило, вклучувајќи ги сите задачи за истиот или друг работодавач во или надвор од обврските за превоз на патници и стоки;
13. “Прекин на управување со возило” е временски период во кој возачот не може да управува со возило или да врши и други работни активности, а се користи исклучиво за одмор;
14. “Превозник” е физичко или правно лице кое врши јавен превоз или превоз за сопствени потреби во патниот сообраќај;
15. “Работилница” е правно лице кое има овластување за работа за спроведување на постапката за вградување, испитување, преглед, поправка и демонтажа на уредите за запишување;
16. “Место на работа” е седиштето на правното лице и подружниците каде што мобилните работници ги вршат работните задачи без оглед на тоа дали тие се наоѓаат на истата локација или на друга локација, возилото кое лицата кои извршуваат мобилна активност во патниот сообраќај го користат при извршување на своите работни задачи и сите други места каде што се вршат активности поврзани со превозот;
17. ” Работно време” е време од почетокот до завршувањето на работните задачи, за кое време мобилниот работник се наоѓа на своето работно место, на располагање на работодавачот и ги извршува своите работни задачи.
Во работно време се смета:
а) времето поминато во извршување на сите активности во патниот сообраќај, а особено:
– управување со возило,
– товарење и истоварување,
– помош на патниците при влегување и излегување од возилото,
– чистење и техничко одржување на возилото и
– сите други активности со цел да се осигура безбедноста на возилото, неговиот товар и патниците или исполнување на законските обврски кои се однесуваат на управување со возилото, вклучувајќи следење на товарење и истоварување, административни формалности со полицијата, царината и органите за надзор;
б) времето во кое мобилните работници не можат слободно да располагаат со своето време и мора да бидат на своето работно место, подготвени да ги преземат своите вообичаени должности, при што некои должности се поврзани со дежурства, особено за време на чекање за товарење и истоварување кога однапред не е познато времетраењето на извршување на работата и
в) во случај на самовработени возачи, истата дефиниција се однесува на времето од почетокот до крајот на работата, за време на кое самовработениот возач се наоѓа на неговото работно место, е на располагање на странките и за вршење на своите задачи или активности освен општите административни работи кои не се директно поврзани со одредено управување со возило кое е во тек;
18. “Период на достапност” е период кој е надвор од работното време, а означува:
а) периодот во кој мобилниот работник не мора да остане на своето работно место, но мора да биде достапен на сите повици да започне или продолжи да управува со возило или да извршува и други работи, а кои не ги вклучуваат периодите за одмор. Период на достапност вклучува посебен период во текот на кој мобилниот работник го придружува возилото кое се превезува со траект или воз и период на чекање на граничните премини или поради забрана на сообраќај. Периодите на достапност и нивното предвидено времетраење мора однапред да му се познати на мобилниот работник, односно да биде известен пред поаѓање или непосредно пред почетокот на наведениот период, или под општи услови пропишани со колективни договори и/или во согласност со условите пропишани со закон и
б) за мобилните работници кои возат во екипаж, времето кое е поминато седејќи покрај возачот или на креветот додека возилото е во движење;
19. “Време на управување со возило” е вкупното време на управување со возило од времето кога возачот почнува со управување на возилото по одморот или прекинот на управување со возилото до времето додека не земе одмор или прекине со управување со возилото. Периодот на управување со возило може да биде непрекинат или поделен;
20. „Физичко лице – превозник” е лице чија главна дејност е превоз на патници или стоки во патниот сообраќај, кој има лиценца за вршење на таа дејност, кој работи сам за себе и кој не е обврзан со договор за работа или друга форма на работен однос, кој е слободен да организира работни активности чии приходи директно зависат од извршувањето на дејноста и кој може слободно или по пат на соработка со други превозници да стапува во деловни односи со повеќе деловни партнери;
21. “Недела” е период од 00,00 часот во понеделник до 24,00 часот во недела;
22. “Неделен одмор” е неделен непрекинат временски период во кој возачот може слободно да располага со своето време, а вклучува „редовен неделен одмор” и „скратен неделен одмор”;
23. “Редовен неделен одмор” е одмор кој трае непрекинато најмалку 45 часа;
24. “Скратен неделен одмор” е одмор кој трае непрекинато помалку од 45 часа, но не пократко од 24 часа под условите од членот 12 на овој закон;
25. “Неделно време на управување со возило” е севкупното време на управување со возило во текот на една недела;
26. „Повеќечлен екипаж” е екипаж кој се состои од најмалку двајца возачи кои управуваат со возилото и одреден број мобилни работници како составен дел на екипажот на возилото;
27. “Возач” е лице кое управува со возилото и/или кое се наоѓа во возилото кое е на располагање за управување со возилото и
28. “Возило” е моторно возило, автобус, влечно возило, приклучно возило или комбинација на тие возила.
II. РАБОТНО ВРЕМЕ И ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ОДМОР НА МОБИЛНИТЕ РАБОТНИЦИ
Неделно работно време
Член 4
Просечно неделно работно време на мобилните работници не смее да биде подолго од 48 часа.
Максималното неделно работно време може да се продолжи до 60 часа, само ако просекот од 48 часа не е пречекорен во текот на четири месеца.
Ако мобилниот работник работи за различни работодавачи, неделното работно време претставува збир на работното време од сите работодавачи. Работодавачот на мобилниот работник кој работи кај повеќе работодавачи е должен по писмен пат да побара евиденција или пресметка на работното време кое мобилниот работник го извршувал за другиот работодавач.
Мобилниот работник е должен пресметката од ставот 3 на овој член да му ја достави на работодавачот кај кој е вработен во писмена форма.
Пауза за време на работно време
Член 5
Мобилните работници во патниот сообраќај, освен во случај ако AETR не обезбедува поголема заштита, мораат најдоцна после шест часа континуирана работа да имаат пауза.
Работното време се прекинува со пауза која трае најмалку 30 минути, ако вкупниот збир на дотогаш извршените работни часови изнесува меѓу шест и девет часа, односно пауза од најмалку 45 минути ако вкупниот збир на работните часови изнесува повеќе од девет часа.
Паузите од ставот 2 на овој член може да се распоредат во неколку периоди во текот на работното време, со тоа што секоја од нив мора да трае најмалку по 15 минути.
Приправници и лица на обука
Член 6
Ако мобилните работници се приправници или лица на обука за нив се применуваат одредбите на овој закон со кој се уредува времето за одмор, како и за другите мобилни работници.
Ноќна работа
Член 7
Ако мобилните работници извршуваат ноќна работа, нивното вкупно дневно работно време не смее да трае повеќе од десет часа во период од 24 часа.
На мобилните работници за ноќната работа им се плаќа надомест утврден со закон, односно утврден со колективните договори, под услов таквиот надомест да не поттикнува загрозување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.
Исклучоци од неделното работно време и ноќната работа
Член 8
Од објективни или технички причини или причини поврзани со организацијата на работата, може со колективен договор да се утврдат исклучоци од одредбите на членовите 4 и 7 од овој закон, под услов на постоење на договор меѓу претставник на работодавачот и работникот на кој тие се однесуваат.
Во случај кога по исклучок од членот 4 на овој закон се утврдува подолго неделно работно време, утврдувањето на референтниот период не може да биде подолго од шест месеца, поради пресметување на максимално неделно работно време од 48 часа.
Информирање и евиденции
Член 9
Работодавачите се должни да ги запознаат мобилните работници со одредбите од членовите 4, 5, 6 и 7 на овој закон, со други прописи кои се донесени врз основа на овој закон и колективни договори, односно со нивните општи акти и со нивната примена, а кои се однесуваат на работата или работните односи.
Работодавачите се должни да го евидентираат работното време на мобилните работници. Евиденцијата мора да се чува најмалку две години по истекот на периодот за кој се однесува. За евиденција на работното време на мобилните работници се одговорни работодавачите. Работодавачите се должни на барање на мобилниот работник да му издадат извод од евиденцијата за одработените часови.
III. ЕКИПАЖ, ВРЕМЕ НА УПРАВУВАЊЕ СО ВОЗИЛО, ПРЕКИНИ НА УПРАВУВАЊЕ СО ВОЗИЛО И ПЕРИОД ЗА ОДМОР НА ВОЗАЧОТ
Време на управување со возило
Член 10
Дневното време на управување со возило не смее да биде подолго од девет часа. По исклучок, дневното време на управување со возило може да биде продолжено на најмногу десет часа, но не повеќе од двапати неделно.
Неделното време на управување со возило не смее да биде подолго од 56 часа и не смее да го надмине максималното неделно работно време.
Вкупното време на управување со возило во текот на кои било две последователни недели не смее да биде подолго од 90 часа.
Дневното и неделното време на управување со возилото ги вклучува сите периоди на возење во и надвор од територијата на Република Македонија.
Возачот е должен да ги евидентира другите работни задачи во согласност со одредбите на членот 3 точка 12 од овој закон, како и времето поминато во управувањето со возилото кое се користи за јавен превоз, а врз кое не се применува овој закон.
Возачот е должен да го евидентира периодот на достапност согласно со одредбите на членот 3 точка 18 алинеја 1 потточка а) од овој закон од последниот дневен или неделен период за одмор.
Евиденцијата од ставовите 5 и 6 на овој член се води рачно на тахографските листови, посебни листови за евиденција на работно време, исписи или со користење на опциите за рачно внесување во дигиталниот тахограф.
Кога возачот управува возило што е опремено со аналоген тахограф, по барање на органите на надзор, мора за тековниот ден и претходните 28 дена да покаже: тахографски ленти, рачно извршена евиденција на посебни листови за евиденција на работно време и/или исписи од тахограф и картичка на возачот, доколку ја поседува.
Кога возачот управува возило што е опремено со дигитален тахограф, на барање на органите на надзор, мора да ја покаже својата возачка картичка, рачно извршена евиденција на посебни листови за евиденција на работно време и исписи за тековниот ден и претходните 28 дена и/или тахографски ленти.
Прекин на управување со возило
Член 11
По периодот на управување со возило од четири и пол часа, возачот е должен да го прекине управувањето со возило од најмалку 45 минути, освен ако го користи периодот за одмор.
Прекинот на управување со возило од ставот 1 на овој член може да се замени со првиот прекин на управување со возилото од најмалку 15 минути, при што следува друг прекин на управување со возило од најмалку 30 минути од кои секој е распореден во текот на период од управување со возилото од ставот 1 на овој член.
Дневен и неделен одмор
Член 12
Возачот мора да има дневен и неделен одмор.
Во периодот на секои 24 часа, по дневниот или неделниот одмор, возачите мора да имаат нов дневен одмор. Ако дневниот одмор во рамките од 24 часа трае најмалку девет часа, но помалку од 11 часа се смета за скратен дневен одмор.
Дневениот одмор може да се продолжи до редовен неделен одмор или скратен неделен одмор.
Возачот може да има најмногу три скратени дневни одмори меѓу кои било два неделни одмори.
По исклучок на одредбите од ставот 2 на овој член, во период од 30 часа од завршувањето на дневниот или неделниот одмор, возачот кој е дел од повеќечлен екипаж мора да користи нов дневен одмор во траење од најмалку девет часа.
Во кои било две последователни недели, возачот мора да користи најмалку:
– два редовни неделни одмори или
– еден редовен и еден скратен неделен одмор од најмалку 24 часа.
Неискористениот дел од неделниот одмор возачот е должен да го искористи најдоцна до крајот на третата недела од неделата кога го користел скратениот неделен одмор.
Неделниот одмор започнува најдоцна по истек на шест 24-часовни периоди од крајот на претходниот неделен одмор.
Секој одмор кој се користи како неискористен дел од неделниот одмор мора да се приклучи во некој друг период за одмор од најмалку девет часа.
Дневниот и скратениот неделен одмор возачите можат да го поминат во возилото надвор од седиштето на правното лице, доколку возилото е опремено со кревет.
Доколку неделниот одмор зафаќа две недели, истиот може да се засмета само на една од тие две недели.
Доколку превозот се врши исклучиво на територијата на Република Македонија, дневниот одмор трае најмалку 12 часа непрекинато.
По исклучок на одредбите од овој член, доколку возачот го придружува возилото кое се превезува со траект или воз, а користи дневен одмор, тој одмор може да се прекине најмногу два пати со други активности, со вкупно траење од најмногу еден час. За време на редовниот дневен одмор возачот мора да има пристап до креветот во возилото.
Член 13
Доаѓањето и заминувањето на возачот до и од возилото на кои се применуваат одредбите од овој закон, доколку возилото не се наоѓа во местото на живеење на возачот ниту во седиштето на работодавачот, не се брои како време на одмор или прекин на управување со возилото, освен ако возачот не е на траект или во воз и има пристап до кревет.
Секое време кое возачот го поминува управувајќи со возило на кое не се применува овој закон до или од возило на кое се применува овој закон, а кое не е во место на живеење на возачот ниту во седиштето на работодавачот, се смета како друга работа.
IV. ОДГОВОРНОСТ НА ПРЕВОЗНИКОТ
Обврски на превозникот
Член 14
Превозниците се должни да ги запознаат возачите со одредбите од членовите 10, 11, 12 и 13 на овој закон, со други прописи кои се донесени врз основа на овој закон и колективни договори, односно со нивните општи акти и со нивната примена, а кои се однесуваат на работата или работните односи.
Превозниците се должни да го евидентираат работното време на возачите. Евиденцијата содржи податоци во врска со работното врема на возачите, времето на управување со возилото, прекин на управување со возилото, дневен и неделен одмор, податоци за користење на годишни одмори, боледувања и истата мора да ja чуваат најмалку две години. За евиденција на работното време на возачите се одговорни превозниците. Превозниците се должни на барање на возачот да му издадат извод од евиденцијата.
Превозникот не смее на возачите кои ги вработува да им исплаќа никаков паричен надомест, во вид на зголемување или додаток на плата, а кои се поврзани со поминато растојание и/или количината на превезениот товар, ако тој надомест ја загрозува безбедноста на сообраќајот на патиштата и/или доведува до повреда на одредбите од овој закон.
Превозникот е должен да ја организира работата на возачите, на начин според кој возачите ќе ги почитуваат одредбите од овој закон.
Правните лица, превозниците и синдикати на возачи се должни да осигураат дека договорените распореди на управување со возило ќе бидат во согласност со одредбите од овој закон.
Превозникот кој користи возило опремено со дигитален тахограф во согласност со одредбите од овој закон, е должен да обезбеди дека сите податоци:
– на секои 28 дена ќе ги преземе од картичката на возачот и на секои 90 дена ќе ги преземе од уредот во возилото за да се обезбеди со сите податоци кои се однесуваат на активностите на возачот или активностите кои се извршени со возилото и
– преземени од уредот во возилото и картичката на возачот ќе се чуваат во евиденција и дека овие податоци се достапни директно или по далечински пренос од просториите на превозникот на барање на органите за надзор.
Преземените податоци од ставот 5 на овој член се чуваат и во случај на демонтажа на поединечен тахограф кој го следи работното време на мобилните работници.
Превозникот е должен на барање од возачот да обезбеди копии од записите за извршени работни часови.
Податоците, начинот на пренос на податоците од тахографот и начинот на водење на евиденција ги пропишува министерот за транспорт и врски.
V. ИСКЛУЧОЦИ
Исклучоци за мобилните работници
Член 15
Со колективните договори и други договори меѓу социјалните партнери за лица кои вршат мобилни дејности во патниот сообраќај можат да се утврдат поповолни услови од оние пропишани со одредбите на овој закон, со цел да се заштити нивното здравје и безбедност, водејќи сметка за тоа да не се намали општото ниво на заштита при работа.
Исклучоци за возачите
Член 16
Возачот може да не се придржува на правилата утврдени со одредбите од членовите 10, 11 и 12 на овој закон кога управува со возилото со кое е потребно да стигне до најблиското погодно место за застанување со цел да се осигури безбедноста на луѓето, возилото или неговиот товар, а притоа да не се загрози безбедноста во патниот сообраќајот.
Возачот е должен да ги наведе причините за ваквата постапка рачно, на образецот за евиденција на работно време или на тахографскиот лист, веднаш по доаѓањето на најблиското погодно место за застанување.
Исклучоци за одредени видови на превоз
Член 17
Одредбите од членовите 10, 11 и 12 на овој закон, кога превозот се извршува исклучиво на територијата на Република Македонија, не се однесуваат на возила:
а) кои се користат за земјоделски или шумски активности во рамките на 50 километри од местото на товарење до местото на истовар;
б) на погон на земјен или течен природен гас или на електричен погон, чија максимална тежина, вклучувајќи ја и тежината на приклучното возило не надминува 7,5 т, а кои се користат за превоз на товар во круг до 50 километри од местото на товарење до местото на истовар;
в) кои се користат за обука на возачи и испити со цел за стекнување со возачка дозвола или сертификат за професионална обука, под услов да не се користат за комерцијален превоз на патници или стоки;
г) специјализирани за превоз на опрема за забавни паркови и циркуси;
д) посебно опремени и наменети за едукација во состојба на мирување (библиобус итн.);
ѓ) специјализирани за превоз на пари и вредности;
е) кои се користат исклучиво во кругот на превозникот, како што се железнички терминали, пристаништа, аеродроми и
ж) кои се користат за превоз на живи животни од фармите на локалните пазари и назад или од пазарот во локалната кланица на оддалеченост до 50 километри.
Обврски на превозникот и возачот кога возилото не е опремено со тахограф
Член 18
Ако возилото не е опремено со тахограф, согласно со членот 2 став 3 од овој закон, истото може да се користат само за:
а) внатрешен линиски превоз на патници на линиите со вкупна оддалеченост до 50 километри и
б) меѓународен линиски превоз на патници чија почетна и крајна точка се наоѓа на оддалеченост до 50 километри по воздушна линија од границите меѓу двете држави, а чија оддалеченост не надминува 100 километри.
Во случај на вршење на превозот од ставот 1 на овој член, превозникот е должен да подготви возен ред и план на возење, кој за секој возач мора да содржи име, адреса и однапред утврден распоред на различни периоди на управување со возилото, други работни задачи, прекин на управување со возилото и достапност.
Возачот назначен да вози возило од ставот 1 на овој член треба да има во возилото извод од планот на возење и примерок од возниот ред од ставот 2 на овој член.
Планот на возење треба да:
а) ги содржи сите информации наведени во ставот 2 од овој член за минимален период кој ги покрива претходните 28 дена, под услов податоците редовно да се ажурираат во временски интервали што не смеат да бидат подолги од 30 дена;
б) биде потпишан од одговорното лице на превозникот и
в) се чува една година по истекот на периодот за кој се однесува. Превозникот издава извод на планот на возење по барање на возачот или по барање на органите на надзор.
VI. ТАХОГРАФИ
Технички карактеристики и типско одобрување на тахограф
Член 19
Тахограф кој е вграден во согласност со одредбите на овој закон, мора да има одобрение (оцена на сообразност на тип), издадено од Бирото за метрологија согласно со Законот за метрологија.
Техничките карактеристики на тахографот и начинот на употреба, вградување, поправање, проверка и контрола на тахографот ги пропишува министерот за транспорт и врски.
Работилници
Член 20
Инсталирање, проверка, контрола и поправка на тахографи можат да вршат правни лица (во натамошниот текст: работилници) овластени од министерот за транспорт и врски.
Работилницата при извршување на работите од ставот 1 на овој член, може да врши активирање, сервисирање, калибрирање, пломбирање на тахографи, пренесување на податоци од тахографот, одредување на невозможноста на трансфер на податоци од тахографот, отстранување и демонтирање на тахографите и за тахографите да изработуваат идентификациски ознаки.
Работилницата е должна да води евиденција со податоци за преземените активности од ставовите 1 и 2 на овој член.
Работите од ставот 1 на овој член работилницата може да ги извршува за аналогни и за дигитални тахографи.
Работилницата контролите од ставот 1 на овој член ги врши најмалку еднаш на две години од последната контрола.
По исклучок од ставот 4 на овој член задолжително се врши контрола доколку:
– се изврши каква било поправка на опремата на тахографот,
– настане промена на карактеристичниот коефициент на возилото,
– настане промена на ефективниот обем на пневматиците и
– часовникот на тахографот покажува време повеќе од 20 минути од универзалната временска координата.
Во овластувањето од ставот 1 на овој член се утврдува кои од работите од ставот 1 на овој член може да ги врши работилницата.
Една работилница може да врши работи од ставот 1 на овој член и за двата вида тахографи, под услов за секој вид на тахограф да има посебно овластување.
Овластувањето се издава за период од десет години со можност за продолжување.
Барањето за продолжување на овластувањето работилницата е должна да го поднесе во рок од 60 дена пред истекот на важноста на овластувањето.
Во случај на промена на управител на работилницата, промена на раководителот од членот 26 на овој закон или во случај на промена на техничко лице од членот 26 на овој закон, работилницата е должна да го извести Министерството за транспорт и врски во рок од осум дена од денот на настанатите промени.
Доколку со извршените промени од ставот 11 на овој член повеќе не е исполнет условот од членот 22 став 2 алинеи 8 и 9 на овој закон, се одзема овластувањето на работилницата согласно со членот 23 од овој закон.
Начинот на водење на евиденцијата и податоците кои работилницата е должна да ги води согласно со активностите кои ги презема при извршувањето на работите од членот 20 ставови 1 и 2 на овој закон ги пропишува министерот за транспорт и врски.
Член 21
Ознаките за пломбирање и пломбите работилницата ги добива од производителот или од неговиот претставник и за секоја издадена и уништена ознака и пломба работилницата води евиденција.
Начин и услови за издавање на овластување
Член 22
Овластувањето од членот 20 на овој закон се издава врз основа на барање на работилницата.
За добивање на овластување за извршување на работите од членот 20 став 1 на овој закон работилницата треба да ги исполнува следниве услови:
– да има решение од Централниот регистар на Република Македонија за извршување на дејноста од членот 20 став 2 на овој закон,
– да има соодветен простор на територијата на Република Македонија, опрема и најмалку три вработени технички лица,
– приодот до работилницата мора да е изведен и означен така што да се обезбеди непречен пристап до работилницата,
– да не е поведена стечајна постапка, да не е во постапка на ликвидација и да не му е изречена прекршочна мерка забрана за вршење на дејност,
– раководителот на работилницата не смее да биде лице кое било раководител на работилница на која во изминатите пет години и било одземено овластувањето,
– да има правно регулиран однос со производителот на тахографи во врска со постапките и работите кои ги извршува,
– да има простории и опрема која ќе овозможи сите записи и документацијата за сите активности поврзани со тахографите, како и податоците кои се на нив, да се забележат и чуваат на соодветен начин и да бидат достапни на органите за надзор, како и да обезбеди заштита на личните податоци согласно со Законот за заштита на лични податоци,
– на работилницата или лицето кое е правен наследник на работилницата во изминатите пет години да не му е одземено овластувањето,
– најмалку еден од вработените мора да е техничко лице кое одговара на барањата од членот 26 ставови 1 и 2 на овој закон,
– да има раководител кој ќе ги извршува задачите од членот 26 став 3 на овој закон,
– да има огласна табла на која ќе бидат сите информации во согласност со членот 26 став 6 од овој закон,
– во делот за контрола на тахографи да има важечки сертификати за калибрација на мерната опрема и
– во делот за контрола на тахографи да има важечки сертификати за акредитација издадени од Институтот за акредитација на Република Македонија.
Министерот за транспорт и врски ги пропишува формата и содржината на барањето за издавање или продолжување на овластувањето за извршување на работите од членот 20 став 1 на овој закон, како и потребната документација, просторот и опремата на работилницата.
Доколку постапката за добивање или продолжување на овластувањето од членот 20 на овој закон не заврши во рок од три месеци од денот на поднесување на барањето, истото се запира со заклучок.
Правното лице има право да поднесе ново барање за добивање или продолжување на овластувањето од членот 20 на овој закон по истекот на рокот од 30 дена од денот на правосилноста на заклучокот за запирање на постапката за претходното барање.
Работилниците кои во делот за контрола на тахографи во моментот на поднесување на барање за овластување за инсталирање, проверка, контрола и поправка на тахографи не стекнале сертификати издадени од Институтот за акредитација на Република Македонија, истите можат да ги стекнат во рок од шест месеци од денот на издавањето на овластување за инсталирање, проверка, контрола и поправка на тахографи.
Доколку работилницата не постапи согласно со ставот 6 од овој член, со решение и се одзема овластувањето.
Одземање на овластувањето
Член 23
Министерот за транспорт и врски по предлог на овластени лица од членот 24 став 2 на овој закон со решение го одзема овластувањето на работилницата, доколку утврди дека:
– работилницата повеќе не ги исполнува условите од членот 22 на овој закон,
– работилницата или нејзините вработени не ги почитуваат одредбите од овој закон и подзаконските акти донесени врз основа на овој закон,
– работилницата дала лажни изјави, податоци или документи во постапката на издавање на овластувањето, односно при контрола на условите за добивање на овластувањето,
– ако со работата на работилницата се доведува во прашање квалитетот на извршените услуги (подесување на калибрациските параметри или уреди во возилата кои би можеле да влијаат на погрешно мерење на часовите на возачите во возилата или лажна калибрација),
– работилницата извршила прилагодувања на заштитните елементи на тахографот,
– раководителот на работилницата не поднел барање за продолжување на важноста на овластувањето согласно со членот 20 став 9 од овој закон и
– раководителот на работилницата не го извести Министерството за транспорт и врски согласно со членот 20 став 10 од овој закон.
Со решението за одземање на овластувањето на работилницата и се наложува во рок од три дена од приемот на решението за одземање на овластувањето, во Министерството за транспорт и врски да ги предаде сите работилнички картички, средствата за пломбирање, целата документација и евиденција, кои во согласност со овој закон и врз основа на подзаконските акти е должна да ги води.
Против решението од ставот 1 на овој член незадоволната страна може да покрене управен спор пред Управниот суд на Република Македонија.
Надзор над работилници
Член 24
Контрола над исполнување на условите за добивање на овластување и на евиденцијата која работилниците се должни да ја водат врши Министерството за транспорт и врски преку овластени лица, најмалку еднаш годишно.
Надзор над работењето на работилниците врши Државниот инспектор за транспорт преку државни инспектори за патен сообраќај (во натамошниот текст: инспектори).
При вршењето на надзорот инспекторите проверуваат дали работата на работилницата е во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Доколку со контролата извршена од страна на инспекторите се утврди дека тахографот не работи исправно, инспекторите се должни да извршат надзор во работилницата во која е извршена последната контрола или е извршена некоја друга операција врз тахографот.
Доколку при надзорот извршен од страна на инспекторите се утврдат неправилности во работењето на работилницата, а кои можат да го загрозат безбедното функционирање на тахографот, инспекторите ќе му наредат на раководителот на работилницата веднаш да забрани пристап на вработените до работилничките картички.
Доколку раководителот на работилницата не постапи во согласност со одредбите на ставот 5 од овој член, министерот за транспорт и врски на предлог од Државниот инспекторат за транспорт, на работилницата ќе и го одземе овластувањето.
Евиденција
Член 25
Министерството за транспорт и врски води евиденција за:
– издадени овластувања на работилници, извршените промени во издадените овластувања и придружната документација,
– одземени овластувања и придружната документација,
– попис на опрема за пломбирање и попис на печати,
– податоци за вработените технички лица во работилниците кои се оспособени за работа на тахографи и кои ги исполнуваат барањата за издавање на работилничките картички,
– податоци за завршено образование, односно оспособеност на техничките лица, вклучувајќи ги и дипломата за завршено образование и други соодветни уверенија и сертификати,
– податоци за сите издадени работилнички картички на техничките лица во одделна работилница и
– податоци за работилничките картички кои се изгубени, украдени или картички кои се неисправни.
Член 25-а
Работилницата води евиденција за сите активности што ги презема при извршување на работите од членот 20 ставови 1 и 2 на овој закон. Од евиденциите треба да бидат видливи податоците добиени за време на извршувањето на активностите и работите. Евиденцијата треба да биде детална и во целост сочувана најмалку две години од денот на извршената активност.
Работилницата покрај за работите од овластувањето треба да води евиденција за ситуациите кога се јавува неможност од која било причина за пренесување на податоци од тахографот и за истото по барање на издавачот на картички, превозникот или возачот издава потврда.
Техничко лице, раководител и огласна табла на работилницата
Член 26
Техничко лице може да биде лице кое ги исполнува следниве услови:
– има најмалку средно образование од сообраќајна, електротехничка или машинска насока,
– има потврда за завршена обука за тестирање, инсталирање, контрола, калибрација на тахографи од производителите на тахографи кои имаат признаено одобрување за сообразност на тип, не постара од три години и
– не е во работен однос и не врши иста или слична работа надвор од работилницата во која е вработено.
Интервенциите врз тахографите и опремата од кои зависи правилното функционирање на тахографите смее да ги врши само техничко лице од работилницата кое поседува важечка потврда за стручна оспособеност.
Раководител на работилницата може да биде лице кое ги исполнува следниве услови:
– е вработено во работилницата и кое од управителот на работилницата е назначено за раководител во работилницата и
– кое не е во работен однос и не врши иста или слична работа надвор од работилницата.
Раководителот е одговорен за безбедноста и за чувањето на податоците за проверените тахографи, за работата со работилничките картички на работилницата и ги врши следниве работи:
– се грижи на техничките лица да им бидат врачени работилничките картички и да ги користат своите картички во согласност со одредбите од овој закон и прописите кои произлегуваат од него,
– се грижи за работилничките картички и клештата за пломбирање кога не се во употреба, како и за соодветните документи за тахографите и треба да ги чува на безбедно место или во сеф,
– веднаш да го извести издавачот на мемориските картички и Министерството за транспорт и врски доколку дојде до губење, кражба или неисправност на работилничките картички,
– се грижи за рокот на важење на овластувањето и навременото доставување на барања за негово продолжување,
– се грижи за физичката безбедност на работилничката картичка додека е во употреба,
– веднаш да го извести Министерството за транспорт и врски или Државниот инспекторат за транспорт за неможноста за пренос или испис на податоците од дигиталниот тахограф во возилото и
– да го извести Министерството за транспорт и врски за настанатите промени согласно со членот 20 став 10 од овој закон.
Работилницата и нејзините вработени се должни на возачот на секое возило што има вграден тахограф да му дадат услуга во согласност со овластувањето.
Во работилницата на видно место треба да има огласна табла која ќе овозможи сите корисници да можат да ги прочитаат бројот на овластувањето и бројот на жигот (пломбата).
Работилницата во случај на отстранување или демонтирање на тахограф е должна од тахографот да ги пресними сите податоци кои се во него снимени во согласност со овој закон, вклучувајќи ги и личните податоци. Овие податоци се чуваат на безбеден начин во рок од најмалку една година и можат да се предадат само на превозник во чие возило бил тахографот или кај кого е вработен возачот на кој се однесуваат податоците за работното време и одморите и на органите за надзор согласно со овој закон.
VII. МЕМОРИСКИ КАРТИЧКИ
Картички
Член 27
Мемориската картичка се користи со тахографот. Мемориската картичка може да биде:
– картичка на превозникот,
– контролна картичка,
– возачка картичка и
– работилничка картичка.
Картичка на превозникот е мемориска картичка издадена од овластен издавач на мемориски картички на сопственикот или изнајмувачот на возилата со вграден тахограф. Картичката на превозникот го идентификува превозникот, овозможува приказ, префрлање и печатење на податоците кои се наоѓаат во тахографот.
Контролна картичка е мемориска картичка издадена од овластен издавач на мемориски картички. Контролната картичка го идентификува службеното лице од органот за надзор кое ја врши контролата и овозможува да се добие пристап до податоците складирани во меморијата за податоци или во возачката картичка за читање, печатење и/или префрлање на податоци.
Возачка картичка е мемориска картичка издадена од овластен издавач на мемориски картички на поединечен возач. Возачката картичка го идентификува возачот и овозможува складирање на податоците за активноста на возачот.
Работилничка картичка е мемориска картичка издадена од овластен издавач на мемориски картички на овластена работилница. Работилничката картичка го идентификува сопственикот на картичката и овозможува тестирање, калибрација и/или префрлање на податоците од тахографот.
Возачката картичка и картичката на превозникот се издаваат со важност од пет години, контролната картичка се издава со важност од две години, а работилничката картичка се издава со важност од една година.
Работилничка картичка се издава на име на секое техничко лице кое ги исполнува условите од членот 26 став 1 на овој закон, контролната картичка се издава на инспекторите, овластените лица од Министерството за транспорт и врски согласно со член 24 од овој закон и службените лица од Министерството за внатрешни работи во согласност со членот 40 став 1, алинеја 2 од овој закон.
Работилничката картичка мора да има сигурносен код.
Работилничката картичка мора за целото време на важење на истата да остане во просториите на работилницата.
Издавање на мемориски картички
Член 28
Издавање на мемориските картички од членот 27 на овој закон врши овластено правно лице (во натамошниот текст: издавач на картички).
Извршување на работите за издавање на мемориските картички од членот 27 на овој закон како јавно овластување може да се даде на правно лице врз основа на јавен оглас во согласност со одредбите од овој закон.
Јавното овластување за издавање на картичките е со важност од 15 години.
За извршување на работите за издавање на картичките од членот 27 на овој закон може да се овласти едно правно лице, односно само еден издавач на картички.
Овластување за издавачот на картички
Член 29
Јавното овластување за вршење на работи на издавање на мемориски картички опфаќа:
– спроведување на постапка за издавање или одземање на картички, вклучувајќи го начинот на издавање на картичките, водење на евиденцијата од член 38 на овој закон и издавање на податоците од евиденцијата и
– извршување на работи поврзани со генерирање на потребните електронски клучеви потребни за изработка на мемориските картички.
Постапка за издавање на картички
Член 30
Мемориските картички од членот 27 на овој закон се издаваат врз основа на барање.
Кон барањето за издавање на возачка картичка подносителот на барањето доставува:
– копија од лична карта заверена на нотар,
– копија од возачка дозвола заверена на нотар,
– фотографија од подносителот на барањето, не постара од шест месеци,
– потврда за привремен престој или лична карта за странци,
– доказ за поседување на работна дозвола за странци и
– доказ за платена цена за возачка картичка согласно со членот 37 од овој закон.
Кон барањето за издавање на картичка за превозник, подносителот на барањето доставува:
– тековна состојба не постара од шест месеци за правното лице издадена од Централниот регистар на Република Македонија и
– доказ за платена цена за картичка на превозник согласно со членот 37 од овој закон.
Кон барањето за издавање на работилничка картичка, подносителот на барањето доставува:
– тековна состојба не постара од шест месеци за правното лице издадена од Централниот регистар на Република Македонија,
– копија од лична карта на техничко лице заверена на нотар,
– копија од возачка дозвола на техничко лице заверена на нотар,
– потврда за завршена обука за стручна оспособеност на техничкото лице,
– копија заверена на нотар од овластувањето за работилница издадено од Министерство за транспорт и врски,
– фотографија од техничкото лице, не постара од шест месеци и
– доказ за платена цена за работилничка картичка согласно со членот 37 од овој закон.
Кон барањето за издавање на контролна картичка, подносителот на барањето доставува:
– копија од лична карта на контролното лице, заверена на нотар
– копија од овластување од надлежен орган за вршење на надзор,
– фотографија од контролното лице, не постара од шест месеци и
– доказ за платена цена за контролна картичка согласно со членот 37 од овој закон.
Кон барањето за замена на картичка поради оштетување или неможност за пренос на податоци, покрај претходно наведените документи, подносителот на барањето ја доставува и неупотребливата картичка.
Кон барањето за замена на картичка поради губење или кражба, покрај претходно наведените документи, подносителот на барањето доставува и потврда за одјавување на картичката во “Службен весник на Република Македонија”.
По барањето за издавање на мемориски картички издавачот на картички одлучува во рок од 15 дена од денот на поднесување на барањето.
Доколку издавачот на картички не издаде мемориска картичка, односно не го одбие барањето за издавање на мемориска картичка, лиценцата во рокот од ставот 8 на овој член, подносителот на барањето има право во рок од три работни дена да поднесе барање до писарницата на овластеното лице на издавачот на картички за донесување на решение со кое ќе констатира дека барањето за издавање на мемориски картички е уважено.
Формата и содржината на барањето од ставот 9 на овој член ги пропишува министерот за транспорт и врски.
Овластеното лице на издавачот на картички е должен во рок од пет работни дена од денот на поднесување на барањето од ставот 9 на овој член да донесе решение со кое барањето за издавање на мемориски картички е уважено или одбиено.
Кон барањето за донесување на решение од ставот 9 на овој член, подносителот на барањето доставува и копија од барањето од ставот 1 на овој член.
Доколку овластеното лице на издавачот на картички не донесе решение во рокот од ставот 8 на овој член, подносителот на барањето може да го извести Државниот управен инспекторат во рок од пет работни дена.
Државниот управен инспекторат е должен во рок од десет дена од денот на приемот на известувањето од ставот 13 на овој член да изврши надзор кај издавачот на картички дали е спроведена постапката согласно со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го информира подносителот на барањето за преземените мерки.
Инспекторот од Државниот управен инспекторат по извршениот надзор согласно со закон донесува решение со кое го задолжува овластеното лице на издавачот на картички во рок од десет дена да одлучи по поднесеното барање, односно да го одобри или одбие барањето и да го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој одлучил по поднесеното барање.
Доколку овластеното лице на издавачот на картички не одлучи во рокот од ставот 15 на овој член, инспекторот ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка и за прекршок утврден во Законот за управната инспекција ќе се определи дополнителен рок од пет работни дена, во кој овластеното лице на издавачот на картички ќе одлучи по поднесеното барање за што во истиот рок ќе го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој одлучил по поднесеното барање. Инспекторот во рок од три работни дена ќе го информира подносителот на барањето за преземените мерки.
Доколку овластеното лице на издавачот на картички не одлучи и во дополнителниот рок од ставот 16 на овој член, инспекторот во рок од три работни дена ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител и во тој рок да го информира подносителот на барањето за преземените мерки.
Доколку инспекторот не постапи по известувањето од ставот 13 на овој член, подносителот на барањето во рок од пет дена има право да поднесе приговор до архивата на директорот на Државниот управен инспекторат. Доколку директорот нема писарница, барањето се поднесува во писарницата на седиштето на Државниот управен инспекторат.
Директорот на Државниот управен инспекторат е должен во рок од три работни дена да го разгледа приговорот од ставот 18 на овој член и доколку утврди дека инспекторот не постапил по известувањето од подносителот на барањето од ставот 13 и/или не поднесе пријава согласно со ставот 17 од овој член, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка за прекршок утврден во Законот за управната инспекција за инспекторот и ќе се определи дополнителен рок од пет работни дена во кој инспекторот ќе изврши надзор во надлежниот орган дали е спроведена постапката согласно со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го информира подносителот на барањето за преземените мерки.
Доколку инспекторот не постапи и во дополнителниот рок од ставот 18 на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител против инспекторот и во рок од три работни дена ќе го информира подносителот на барањето за преземените мерки.
Во случајот од ставот 20 на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат веднаш, а најдоцна во рок од еден работен ден, ќе овласти друг инспектор да го спроведе надзорот веднаш.
Во случаите од ставот 21 на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат во рок од три работни дена ќе го информира подносителот на барањето за преземените мерки.
Доколку директорот на Државниот управен инспекторат не постапи согласно со ставот 19 од овој член, подносителот на барањето може да поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител во рок од осум работни дена.
Доколку овластеното лице на издавачот на картички не одлучи во рок од ставот 14 на овој член, подносителот на барањето може да поведе управен спор пред надлежниот суд.
Постапката пред Управниот суд е итна.
Против решението донесено од страна на издавачот на мемориски картички подносителот на барањето има право на жалба во рок од три дена до посебна тричлена комисија формирана од министерот за транспорт и врски, при што претседателот на комисијата треба да е од редот на раководните државни службеници (во натамошниот текст: Комисија).
Комисијата од ставот 26 на овој член е должна да постапи по жалбата и да донесе решение во рок од 45 дена од денот на приемот на жалбата.
Доколку претседателот на Комисијата од ставот 26 на овој член не донесе решение во рокот од ставот 27 на овој член, жалителот може да го извести Државниот управен инспекторат во рок од пет работни дена. Формата и содржината на известувањето ги пропишува министерот за транспорт и врски.
Државниот управен инспекторат е должен во рок од десет дена од денот на приемот на известувањето од ставот 29 на овој член да изврши надзор во Министерството дали е спроведена постапката согласно со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го информира жалителот за преземените мерки.
Инспекторот од Државниот управен инспекторат по извршениот надзор согласно со закон донесува решение со кое го задолжува претседателот на Комисијата од ставот 26 на овој член во рок од десет дена да одлучи по поднесената жалба, односно да ја уважи или одбие и да го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој е одлучено по поднесената жалба.
Доколку претседателот на Комисијата од ставот 26 на овој член не одлучи во рокот од ставот 31 на овој член, инспекторот ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка за прекршок утврден во Законот за управната инспекција ќе се определи дополнителен рок од пет работни дена во кој претседателот на Комисијата ќе одлучи по поднесеното барање за што во истиот рок ќе го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој одлучил по поднесеното барање. Инспекторот во рок од три работни дена да го информира подносителот на жалбата за преземените мерки.
Доколку претседателот на Комисијата од ставот 26 на овој член не одлучи и во дополнителниот рок од ставот 32 на овој член, инспекторот во рок од три работни дена ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител и во тој рок ќе го информира подносителот на жалбата за преземените мерки.
Доколку инспекторот не постапи по известувањето од ставот 27 на овој член, жалителот во рок од пет работни дена има право да поднесе приговор до писарницата на директорот на Државниот управен инспекторат. Доколку директорот нема писарница, барањето се поднесува во писарницата на седиштето на Државниот управен инспекторат.
Директорот на Државниот управен инспекторат е должен во рок од три работни дена да го разгледа приговорот од ставот 34 на овој член и доколку утврди дека инспекторот не постапил по известувањето од жалителот од ставот 28 и/или не поднесе пријава согласно со ставот 33 од овој член, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка за прекршок утврден во Законот за управната инспекција за инспекторот и ќе се определи дополнителен рок од пет работни дена во кој инспекторот ќе изврши надзор во надлежниот орган дали е спроведена постапката согласно со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го информира подносителот на жалбата за преземените мерки.
Доколку инспекторот не постапи и во дополнителниот рок од ставот 35 на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител против инспекторот и во рок од три работни дена ќе го информира подносителот на жалбата за преземените мерки.
Во случајот од ставот 36 на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат веднаш, а најдоцна во рок од еден работен ден, ќе овласти друг инспектор да го спроведе надзорот веднаш.
Во случаите од ставот 37 на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат во рок од три дена да го информира подносителот на жалбата за преземените мерки.
Доколку директорот на Државниот управен инспекторат не постапи согласно со ставот 35 од овој член, жалителот може да поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител во рок од осум работни дена.
Доколку претседателот на Комисијата од ставот 25 на овој член не одлучи во рок од ставот 31 на овој член, жалителот може да поведе управен спор пред надлежниот суд.
Постапката пред Управниот суд е итна.
Формата и содржината на барањето и постапката на издавање на мемориски картички ги пропишува министерот за транспорт и врски. 2Во членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2011) предвидено е додавање на нови ставови во членот 30 и притоа споменатиот Закон за изменување и дополнување ставот 10 го ренумерира во став 40, а истиот со дадањето на новите ставови треба да биде став 41.
Услови за давање на овластување на издавачот на картички
Член 31
Министерот за транспорт и врски може јавното овластување за вршење на работи за издавање на мемориски картички да го даде на домашно или странско правно лице кое ги исполнува следниве услови:
– да располага со соодветни простории на територијата на Република Македонија за извршување на работите, во сопственост или под закуп,
– да има вработено најмалку пет лица со високо образование (правен, економски, сообраќаен, машински, природно-математички – отсек информатика или електротехнички факултет),
– да има вработено најмалку три лица со средно образование,
– да има на располагање соодветна опрема за користење поврзана со извршување на работите од јавното овластување,
– да не е работилница во смисла на овој закон,
– против правното лице да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација и да не му е изречена прекршочна мерка забрана за вршење на дејност,
– управителот или член на управниот одбор, како и одговорното лице овластено од правното лице да не бил вработен во последните пет години кај издавачот на картички на кого му е одземено овластувањето за издавање на картички,
– на издавачот на картички, како и на неговиот правен наследник во последните пет години да не му е одземено овластувањето и
– да има финансиско осигурување (депонирани средства во банка или банкарска гаранција од првокласна банка) за законско и квалитетно извршување на услугите од овластувањето во висина најмалку за покривање на очекуваните трошоци на Министерството за транспорт и врски во врска со евентуалните одземања на овластувањето, давање на ново овластување и вршењето на работите на издавачот на картичките во Министерството за транспорт и врски до моментот на овластување на ново правно лице за издавање на картички.
Освен исполнување на условите од ставот 1 на овој член странското правно лице треба да има основано и подружница на територијата на Република Македонија.
Подносителот на барањето ќе се смета дека ги исполнува условите во однос на опремата и лицата вработени за давање на услугата во врска со издавањето на мемориските картички и доколку има склучено договор за соработка со правно лице овластено за издавање на мемориски картички од земја членка на Европската унија.
Министерот за транспорт и врски ги пропишува поблиските услови во однос на потребните простории и опрема на правните лица од ставот 1 на овој член.
Условите за давање на овластувањето издавачот на картичките мора да ги исполнува за цело време на важноста на јавното овластување.
Критериуми за избор
Член 32
Критериуми за избор на правно лице за давање на јавно овластување се:
– предвидените просечни трошоци за издавање на секоја картичка, со тоа што повеќе бодови се добиваат за пониски просечни трошоци,
– рок за започување на вршење на работите за кои е овластен, со тоа што повеќе бодови се добиваат за понуден пократок рок и
– услови за давање на услугите кои се однесуваат на работното време со странки, начинот на поднесување барање за издавање на картички, помош и информирање на странките, со тоа што повеќе бодови се добиваат за подобри услови за работа со странките.
Критериумите од ставот 1 на овој член се бодираат така што критериумот од ставот 1 алинеја 1 на овој член носи најмногу бодови, а критериумот од ставот 1 алинеја 2 на овој член носи најмалку бодови.
Јавен оглас
Член 33
Јавниот оглас за јавно овластување за вршење на работите на издавање на мемориски картички го распишува Министерството за транспорт и врски.
Јавниот оглас се објавува во “Службен весник на Република Македонија” и во едно домашно и странско јавно гласило.
Времетраењето на јавниот оглас не може да биде пократко од седум дена.
Јавниот оглас содржи најмалку:
– информација за предметот на огласување за издавање на овластување за издавање на картички поврзани со дигиталните тахографи,
– известување дека јавниот оглас се објавува во согласност со овој закон, како и подзаконските акти кои произлегуваат од истиот,
– известување за предметот на овластување, како и дека овластувањето се дава само на едно правно лице,
– важност на јавното овластување,
– финансиско осигурување (депонирани средства во банка или банкарска гаранција од првокласна банка) за законско и квалитетно извршување на работите од јавното овластување,
– начин и постапка за избор на носител на овластувањето,
– способност на правното лице (лична состојба, способност за вршење на професионална дејност, економска и финансиска состојба, техничка и професионална способност, стандарди за системи за квалитет),
– минимално-технички и просторни услови за извршување на услугите од јавното овластување,
– критериум за избор на правно лице за давање на јавно овластување и
– место и рок за поднесување на пријавите.
Министерството за транспорт и врски е должно на сите заинтересирани правни лица да им овозможи увид во документацијата од огласот од денот на објава на огласот до денот на донесувањето на решението за давањето на јавното овластување.
Постапката за избор ја спроведува Комисија формирана од министерот за транспорт и врски која по спроведената постапка доставува предлог до министерот за транспорт и врски за избор на правно лице носител на јавното овластување.
Постапката за избор ќе се спроведе и доколку на јавниот оглас барање достави и едно правно лице.
Решение за давање на јавно овластување
Член 34
Решението за давање на јавно овластување за вршење на работи за издавање на мемориски картички донесува министерот за транспорт и врски на предлог на Комисијата од членот 33 став 6 на овој закон.
Против решението од ставот 1 на овој член може да се изјави жалба во рок од осум дена до Комисијата за решавање на управни работи во втор степен од областа на транспортот и врските на Владата на Република Македонија.
Решението за давање на јавното овластување од ставот 1 на овој член се објавува во “Службен весник на Република Македонија”.
Врз основа на решението од ставот 1 на овој член министерот за транспорт и врски и правното лице носител на јавното овластување склучуваат договор за регулирање на меѓусебните односи.
Одземање на овластување
Член 35
Министерот за транспорт и врски по предлог на органите овластени да вршат надзор од членот 36 на овој закон со решение ќе го одземе јавното овластување на издавачот на картички, доколку:
– издавачот на картичките не ги исполнува условите од членот 31 на овој закон,
– издавачот на картичките, односно негов вработен при вршењето на овластувањето ги прекршил одредбите на овој закон и врз основа на него донесените подзаконски акти,
– издавачот на картичките давал лажни изјави, податоци или документи во понудата, односно при контрола на условите од членот 31 на овој закон,
– издавачот на картички не овозможува или спречува вршење на надзор согласно со членот 36 од овој закон,
– издавачот на картички наплаќа повисоки цени за издавање на мемориски картички и други услуги во спротивно со одредбите од членот 37 на овој закон и
– поднесе барање за престанок на јавното овластување, но не пред пет години од почетокот на овластувањето.
Против решението за одземање на овластувањето од ставот 1 на овој член може да се изјави жалба во рок од осум дена до Комисијата за решавање на управни работи во втор степен од областа на транспортот и врските на Владата на Република Македонија.
Во решението за одземање на јавното овластување министерот за транспорт и врски ќе го утврди рокот за престанок на вршење на работите од јавното овластување, односно рокот во кој тој ќе може да продолжи да ги врши работите од јавното овластување до изборот на нов издавач на картички.
Во решението за одземање на јавното овластување министерот за транспорт и врски ќе му наложи на издавачот на картички на новиот издавач на картички да му ја предаде во електронска и во печатена форма целокупната документација и евиденција која согласно со овој закон бил должен да ја поседува и да ја води, а што се однесува на извршување на работите за издавање на картичките.
Одредбата од ставот 4 на овој член се применува и во случај на престанување на јавното овластување поради истекот на рокот за кој е дадено.
Надзор
Член 36
Надзор над работата на издавачот на картички врши Министерството за транспорт и врски.
При вршење на надзорот Министерството за транспорт и врски утврдува дали издавачот на картички и понатаму ги исполнува пропишаните услови за издавање на мемориски картички и дали ги извршува своите должности согласно со овој закон.
Цена на мемориските картички и трошоци за издавање на податоци од евиденција
Член 37
Цената на мемориските картички и трошоците за издавање на податоци од евиденцијата кои ги плаќаат странките треба да ги покриваат трошоците за извршување на работите од јавното овластување.
Цената на мемориските картички и трошоците за издавање на податоци од евиденцијата се утврдува со тарифник изготвен од страна на овластеното правно лице на кој согласност дава министерот за транспорт и врски. Висината на цената и трошоците од ставот 1 на овој член утврдени во тарифникот зависи од реалните трошоци за извршување на работите од јавното овластување.
Евиденција
Член 38
Издавачот на картичките води евиденција за издадените мемориски картички.
Евиденцијата за издадените мемориски картички ги содржи следниве податоци:
1) за возачки картички:
– име и презиме на возачот,
– датум и место на раѓање на возачот, ЕМБГ на возачот,
– пол, мајчин јазик,
– адреса на живеење,
– адреса на прием на картичката,
– број на возачка дозвола и датум на издавање,
– број на претходна картичка,
– орган и држава на издавање на возачката дозвола и
– дигитални фотографија и потпис;
2) за картичка на превозник:
– назив на превозникот,
– адреса односно седиште на превозникот,
– матичен број на превозникот,
– име и презиме на овластеното лице на превозникот,
– адреса на живеење,
– адреса на прием на картичката,
– датум и место на раѓање, ЕМБГ на овластеното лице и
– број на претходна картичка;
3) за работилничка картичка:
– назив на работилницата,
– адреса, односно седиште на работилницата,
– матичен број на работилницата,
– име и презиме, датум и место на раѓање на овластеното лице,
– име и презиме, датум и место на раѓање на техничкото лице,
– адреса на живеење на техничкото лице,
– адреса за испраќање на пин кодот, која не смее да е иста со адресата на работилницата,
– адреса на прием на картичката,
– број на претходната картичка и
– дигитални фотографија и потпис;
4) за контролна картичка:
– назив на органот надлежен за контрола,
– адреса односно седиште на органот надлежен за контрола,
– име и презиме, датум и место на раѓање на службеното лице надлежно за контрола,
– адреса на живеење,
– адреса на прием на картичката,
– број на претходна картичка и
– дигитални фотографија и потпис;
5) за сите видови на картички:
– име на овластениот издавач,
– сериски број на картичката,
– датум на почеток на важност на картичката,
– датум на престанок на важност на картичката,
– статус на картичката (одземена од страна на контролен орган, привремено одземена, трајно одземена, заменета, изгубена, украдена, неисправна, оштетена, неважечка, продолжена, отповикана),
– број на персонализирани картички,
– број на испратени картички,
– грешки при изработка,
– резерви на картички,
– картички во оптек,
– вратени – непреземени картички и
– оштетени – неисправни картички и
6) за подносителот на барањето:
– име и презиме на подносителот на барањето,
– датум и место на раѓање на подносителот на барањето и
– адреса на живеење.
За водење на евиденцијата од ставот 1 на овој член издавачот на картички добива податоци од евиденцијата која ја водат Министерството за внатрешни работи и Министерство за транспорт и врски.
При поднесување на барање за издавање на картичка странката е должна да достави изјава во писмена форма дека се согласува да се користат податоците од ставот 1 на овој член. Доколку се користат личните податоци, издавачот на картичките е должен да наведе кои лични податоци од одредени службени евиденции ќе ги користи.
Издавачот на картичките, следните податоци кои ги води за издадените возачки и работилнички картички ги разменува со надлежните органи за издавање на мемориски картички на другите држави преку заедничката мрежа Tachonet:
– име и презиме, датум и место на раѓање на возачот и
– назив на работилницата, име и презиме и датум и место на раѓање на техничкото лице во работилницата.
При вршење на контрола, Министерството за транспорт и врски и органите за надзор од овој закон имаат пристап до податоците од евиденцијата од ставовите 1 и 2 на овој член кој го обезбедува издавачот на картички.
Издавачот на картички, евиденцијата од ставот 2 на овој член е должен да ја чува најмалку пет години од денот на прием и обработка на податоците.
VIII. НАДЗОР
Член 39
Надзор над спроведувањето на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши Министерството за транспорт и врски.
Член 40
Инспекцискиот надзор на спроведување на одредбите од овој закон и одредбите на AETR го вршат органите за надзор:
– Државниот инспекторат за транспорт преку државни инспектори за патен сообраќај и
– униформирани полициски службеници од Министерството за внатрешни работи задолжени за контрола на безбедноста во патниот сообраќај.
Државните инспектори за патен сообраќај и униформираните полициски службеници ги имаат следниве овластувања:
– да ја забранат употребата на возилото во кое оштетувањето или неисправното работење на тахографот не е отстранета во рок од седум дена од денот на настанувањето на неисправноста или откривањето на неисправноста во работата на тахографот, а истовремено возачот не ги запишал сите податоци за различните периоди кои не се забележани или не се правилно забележани во тахографот, на лист или тахографски лист или на привремен лист кој се приложува со записниот лист или со возачката картичка,
– во случај на сомневање дека тахографот не работи исправно да го упатат возилото на вонреден преглед за тахограф, како и за сите елементи поврзани со тахографот кои мора да бидат вградени во возилото за исправно работење на тахографот, а трошоците за прегледот на тахографот се на товар на сопственикот на возилото во кое е вграден уредот,
– да побара од возачот да овозможи контрола на тахографот и да приложи на увид листа со забележани податоци, картичка или испис од тахографот и да дозволи нивен преглед при што органот за надзор е должен да му овозможи увид на возачот за податоците од контролата на тахографот.
– привремено да ја одземе листата со забележани податоци или исписот од тахографот како доказ во постапка и за истата намена да изготви препис на податоците од картичката,
– привремено да ја одземе картичката доколку утврди дека картичката е фалсификувана, или возачот користи туѓа картичка или картичката е добиена врз основа на дадени лажни изјави и/или фалсификувани документи и истата ја доставува до овластениот издавач на картички со образложение на причините за привремено одземање на картичката,
– да го исклучи возилото од сообраќај додека не се отстрани причината за прекршокот, односно да го принуди возачот да го користи дневниот одмор и
– да им предложи на надлежните органи трајно или привремено одземање на дозволата за вршење на дејност или возачката дозвола.
Член 40-а
Доколку при вршењето на инспекцискиот надзор инспекторите од членот 40 на овој закон утврдат дека е сторена неправилност од членот 48 на овој закон, е должен да состави записник во кој ќе ја утврди сторената неправилност со укажување за отстранување на утврдената неправилност во рок од осум дена и со истовремено врачување на покана за спроведување на едукација на лицето или субјектот каде што е утврдена неправилноста при вршењето на инспекцискиот надзор.
Формата и содржината на поканата за едукација како и начинот на спроведување на едукацијата ги пропишува министерот за транспорт и врски.
Едукацијата ја организира и спроведува Државниот инспекторат за транспорт во рок не подолг од осум дена од денот на спроведувањето на инспекцискиот надзор.
Едукацијата може да се спроведува за повеќе утврдени исти или истородни неправилности, за еден или повеќе субјекти.
Доколку во закажаниот термин лицето или субјектот над кој се спроведува едукација не се јави на едукацијата, ќе се смета дека едукацијата е спроведена.
Доколку лицето или субјектот над кој се спроведува едукација се јави на закажаната едукација и истата ја заврши, ќе се смета дека е едуциран по однос на утврдената неправилност.
Доколку инспекторите од членот 40 на овој закон при спроведувањето на контролниот надзор утврдат дека се отстранети утврдените неправилности од ставот 1 на овој член, донесува заклучок со кој ја запира постапката на инспекциски надзор.
Доколку инспекторите од членот 40 на овој закон при спроведувањето на контролниот надзор утврди дека не се отстранети утврдените неправилности од ставот 1 на овој член, поднесува барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежниот суд, односно пред Комисија за прекршоци во Министерството за транспорт и врски.
Државниот инспекторат за транспорт води евиденција за спроведената едукација на начин пропишан од министерот за транспорт и врски.
Министерството за транспорт и врски – Државниот инспекторат за транспорт за извршените контроли изготвува квартални извештаи со унифициран квартален преглед и ги објавува на веб страницата на Министерството.
Член 40-б
Директорот на Државниот инспекторат за транспорт, односно градоначалникот на општината, односно градоначалникот на градот Скопје донесува годишна програма за работа на Државниот инспекторат за транспорт односно општинскиот инспекторат и подготвува месечни планови за работа на инспекторатот.
Директорот на Државниот инспекторат за транспорт за работата на инспекторатот во претходната година доставува годишен извештај до Владата на Република Македонија, а градоначалникот на општината, односно градоначалникот на градот Скопје до советот на општината, односно до Советот на градот Скопје, најдоцна до 31 март во тековната година.
Член 40-в
Инспекторите од членот 40 на овој закон се должни да положат стручен испит за инспектор во рок од една година, но не пред истекот на шест месеци од денот на засновањето на работниот однос.
Доколку инспекторите од членот 40 на овој закон не го положат испитот од ставот 1 на овој член во рок од три месеци од денот на полагањето на испитот има право на повторно полагање на истиот.
На инспекторите од членот 40 на овој закон кои при повторното полагање нема да го положат испитот од ставот 1 на овој член, работниот однос им престанува.
Инспекторите од членот 40 на овој закон имаат право и должност стручно да се оспособуваат за извршување на своите работи и работни задачи во согласност со годишната програма за специјализирана обука во областа на инспекцискиот надзор.
Системи за проверка
Член 41
Државните инспектори за патен сообраќај и униформираните полициски службеници ја организираат и ја спроведуваат контролата на возилата на патиштата и во просториите на превозниците, за сите категории на превоз со цел за правилно и доследно спроведување и применување на одредбите од овој закон и подзаконските акти кои произлегуваат од овој закон.
Контрола од ставот 1 на овој член се извршува секоја година и опфаќа широк и репрезентативен пресек на мобилни работници, возачи, превозници, правни лица и возила со кои се вршат сите видови на превоз опфатени со одредбите на овој закон.
За извршените контроли од ставот 1 на овој член се составува извештај кој содржи: број на возачи на кои е извршена контрола на јавни патишта, број на контроли во просториите на превозниците, број на контролираните работни денови и број и вид на пријавени прекршувања на прописите заедно со забелешка дали се работи за превоз на патници или на стоки.
Органите за контрола се должни најмалку од 30% од контролата во работните денови да ја извршат на јавните патишта, а најмалку 50% во просториите на правните лица.
Статистика
Член 42
Органите за надзор се должни статистичките податоци обезбедени во согласност со член 41 од овој закон да ги водат како:
1) податоци за извршени контроли на јавните патишта:
– категорија на патишта (автопат, магистрален, регионален, локален), држава каде што е регистрирано контролираното возило со цел да се избегне дискриминација на возачите и
– видот на тахографот (аналоген или дигитален) и
2) податоци за извршени контроли во правните лица:
– вид на превозна дејност (внатрешен или меѓународен превоз, превоз на патници или стоки, јавен превоз или превоз за сопствени потреби),
– капацитет на возниот парк и
– видот на тахографот (аналоген или дигитален).
Органите за надзор се должни да ги чуваат податоците за извршените контроли најмалку три години.
Правните лица каде што се вработени возачите се должни најмалку три години да ги чуваат документите, записите и другите потребни податоци кои се доставени од органите за надзор за извршените контроли во просториите или на јавните патишта.
Вршење контрола на јавните патишта
Член 43
Контролата на јавните патишта треба да биде организирана на различни места во различни временски интервали при што да бидат опфатени сите категории на јавни патишта со цел да се спречат избегнувања на местата определени за контрола.
Правните лица и концесионерите кои управуваат со јавните патишта во соработка со органите за надзор се должни да обезбедат:
– соодветно место за проверка на патиштата или во близина на патот, а по потреба сервисните станици и други локации со цел за безбедно собирање на контролните податоци и
– контролите да се вршат на места по случаен избор внимавајќи на географската рамномерност.
Контролите на јавните патишта од ставот 2 на овој член се извршуваат без дискриминација, а органите за надзор при извршување на контролата се должни на недискриминирачки начин да ги проверат податоците за:
1) државата во која е регистрирано возилото;
2) државата во која живее возачот;
3) државата во која е основано правното лице во чија сопственост е возилото;
4) почетната и крајната станица на превозот и
5) видот на тахографот (аналоген или дигитален).
Контролите на јавните патишта опфаќаат:
– дневно и неделно време на возење, прекините на возење, дневно и неделно време за одмор, податоци за претходните денови кои мора да се наоѓаат во возилото и податоци зачувани за истиот период на картичката на возачот и/или во меморијата на тахографот и/или на исписот,
– сите случаи на пречекорување на дозволената брзина на возилото кои се означуваат како периоди подолги од една минута за чие време брзината на возилото преминувала 90 km/h за возила од категоријата N3 или 105 km/h за возила од категоријата M3, согласно со прописите за возила,
– доколку е возможно моменталните брзини на возилото кои ги забележува тахографот во рок од 24 часа при експлоатација на возилото и
– правилно работење на тахографот (утврдување на можни злоупотреби на уредот и/или записот на хартија).
Органите за надзор треба да имаат план на можните проверки од ставот 5 на овој член и треба да бидат опремени со соодветна опрема за контрола која овозможува:
– преземање на податоците од уредот во возилото и возачката картичка за дигитални тахографи, читање на податоците, како и анализа и/или пренос на добиените податоци во главната база на податоци поради анализа и
– проверка на тахографските листи.
Министерството за транспорт и врски соработува и разменува податоци за извршените контроли со надлежните органи од други држави.
Член 43-а
Доколку при извршена проверка органот за надзор констатира неможност за пренос на податоци од возачката картичка за дигиталните тахографи, за констатираното е должен писмено да го извести издавачот на картички во рок од пет дена од денот на извршената проверка.
Формата и содржината на платниот налог за прекршоците предвидени со овој закон ги пропишува министерот за транспорт.
Контрола во просториите на правните лица кои вршат превоз на патници и стоки
Член 44
Контролите во просториите на правните лица кои вршат превоз на патници и стоки треба да се планираат на таков начин што ќе се почитуваат претходните контроли за различните видови на превоз во правното лице, посебно доколку во текот на контролата на јавните патишта се утврдиле потешки повреди на одредбите од овој закон.
Органите за надзор се должни во текот на контролите да ги земат предвид сите информации кои ги доставуваат надлежните органи од другите држави, а кои се однесуваат на извршените контроли во правните лица на тие држави.
Контролите кои се извршени во просториите на органите за надзор врз основа на бараните документи или податоци кои правните лица ги предале по нивно барање се сметаат за контроли извршени во просториите на правните лица.
Контролите во просториите на правните лица ги опфаќаат и следниве контроли:
– неделен период на одмор и време на возење меѓу периодите на одмор,
– придржување кон двонеделното ограничување на времето на возење и
– тахографски листи, уредите во возилата и испис на податоци од возачката картичка.
Органите за надзор при извршување на контролата во просториите на правното лице треба да имаат план за вршење на контролите од ставот 4 на овој член и од членот 41 став 5 на овој закон и мора да бидат опремени за контрола во согласност со одредбите од членот 41 став 6 на овој закон.
X. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ
Член 45
Глоба во износ од 3.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правното лице, ако:
– во возила чија максимална маса со приклучното возило е поголема од 3,5 тони и автобусите конструирани или трајно приспособени за превоз на повеќе од девет патници вклучувајќи го и возачот не е вграден тахограф (член 2 став 3),
– ангажира за работа мобилни работници чие просечно неделно работно време во текот на четири месеца е подолго од 48 часа (член 4),
– на мобилните работници не им овозможува користење на пауза согласно со членот 5 од овој закон,
– ноќната работа на мобилните работници ја уредува на начин така што нивното вкупно работно време во текот на секој 24-часовен период изнесува повеќе од десет часа (член 7) и
– работодавачот не постапи согласно со одредбите од членот 9 на овој закон.
За прекршоците од ставот 1 на овој член глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице.
За прекршоците од ставот 1 на овој член глоба во износ од 2.000 до 4.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко лице – трговец поединец.
Член 46
Глоба во износ од 1.000 до 2.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правно лице, доколку нареди или овозможи возачите да не користат дневни, неделни одмори и прекин на управување со возило согласно со одредбите од членовите 10, 11 и 12 на овој закон.
За прекршоците од ставот 1 на овој член глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице.
За прекршоците од ставот 1 на овој член глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко лице – трговец поединец.
Член 47
Глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач ако времето на управување со возило до прекинот на управување со возило или одморот го пречекори за најмногу 30 минути (членови 11 и 12).
Глоба во износ од 150 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач ако времето на управување со возило до прекинот на управување со возило или одморот го пречекори за повеќе од 30 минути, но најмногу до еден час (членови 11 и 12).
Глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач ако времето на управување со возило до прекинот на управување со возило или одморот го пречекори за повеќе од еден час, но најмногу до два часа (членови 11 и 12).
Глоба во износ од 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач ако времето на управување со возило до прекинот на управување со возило или одморот го пречекори за повеќе од два часа, но најмногу до три часа (членови 11 и 12).
Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач ако времето на управување со возило до прекинот на управување со возило или одморот го пречекори за повеќе од три часа (членови 11 и 12).
Глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на возач доколку не ја наведе причината за постапување спротивно од одредбите на членовите 10, 11 и 12 од овој закон.
Барањата за поведување на прекршочната постапка за прекршоците од овој член се поднесуваат до Министерството за транспорт и врски пред Комисијата за прекршоци (во натамошниот текст: Комисијата) формирана од министерот за транспорт и врски.
Комисијата од ставот 7 на овој член е составена од два члена и претседател.
Членовите на Комисијата од ставот 7 на овој член имаат завршено високо образование и работно искуство од најмалку две години, а претседателот е дипломиран правник со положен правосуден испит и работно искуство од најмалку четири години.
Член 48
Глоба во износ од 2.500 до 4.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правното лице, ако:
– постапи во спротивност од одредбите на членот 14 од овој закон,
– не го извести Министерството за транспорт и врски за измените на сопственоста, раководителот или техничките лица (член 20 став 10),
– во рок од три дена од приемот на решението за одземање на овластувањето за работа на работилницата не ги предаде на Министерството за транспорт и врски сите картички на работилницата, средствата за пломбирање и целокупната документација и евиденција што се должни да ја водат (член 23 став 2),
– вработи техничко лице и раководител во спротивност со одредбите од членот 26 ставови 1 и 3 на овој закон,
– овозможи интервенциите на тахографите и опремата да ги извршува техничко лице кое не поседува важечка потврда за стручна оспособеност (член 26 став 2) и
– не постапи во согласност со одредбите од членот 26 став 7 на овој закон.
За прекршоците од ставот 1 на овој член глоба во износ од 500 до 1.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице.
За прекршоците од ставот 1 на овој член глоба во износ од 1.000 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко лице – трговец поединец.
Член 49
Глоба во износ од 1.500 до 2.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правно лице, доколку постапува спротивно на одредбите од членот 18 на овој закон.
За прекршокот од ставот 1 на овој член глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на возачот.
За прекршоците од ставот 1 на овој член глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко лице – трговец поединец.
Член 50
За прекршоците од членовите 45, 46, 47, 48 и 49 на овој закон, пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд, односно пред Комисијата за прекршоци во Министерството за транспорт и врски, органите за надзор од членот 40 на овој закон ќе спроведат постапка за порамнување. Доколку сторителот го признае прекршокот органите за надзор на сторителот ќе му издадат платен налог заради наплата на глобата предвидена за прекршокот. Со потписот на платниот налог се смета дека сторителот на прекршокот се согласува да ја плати предвидената глоба.
Сторителот на прекршоците од ставот 1 на овој член е должен да ја плати глобата во рок од осум дена од денот на приемот на платниот налог на сметка на Буџетот на Република Македонија означена во платниот налог. Сторителот кој ќе ја плати глобата во дадениот рок ќе плати само половина од изречената глоба утврдена во платниот налог.
Ако сторителот на прекршокот од ставот 1 на овој член не ја плати глобата во рокот определен во ставот 2 на овој член, органите за надзор ќе поднесат барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежниот суд, односно пред Комисијата за прекршоци во Министерството за транспорт и врски.
Органите за надзор од членот 40 на овој закон се должни да водат евиденција за покренатите постапки за порамнување и за нивниот исход.
Против решението на органите за надзор од членот 24 став 2 на овој закон може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до посебна тричлена комисија формирана од министерот за транспорт и врски.
Против решението на органите за надзор од членот 40 на овој закон може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до посебна тричлена комисија формирана од министерот за транспорт и врски односно министерот за внатрешни работи.
При вршењето на инспекцискиот надзор инспекторите од членовите 24 став 2 и 40 на овој закон постапката за вршење на инспекциски надзор ја водат согласно со одредбите од овој закон и Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Македонија” број 50/10).
Член 51
Средствата остварени од паричните казни за сторените прекршоци предвидени со овој закон се уплатуваат во Буџетот на Република Македонија.
XI. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 52
Возилата кои првпат ќе се регистрираат во Република Македонија од 16 јуни 2010 година чија максимална маса со приклучното возило надминува повеќе од 3,5 тони и автобусите конструирани или трајно приспособени за превоз на повеќе од девет патници вклучувајќи го и возачот мора да имаат вграден дигитален тахограф.
Член 53
Контролата од членот 41 став 2 на овој закон почнувајќи од 16 јуни 2010 година треба да опфати најмалку 1% од деновите кои ги одработуваат возачите со возилата опфатени со овој закон.
Процентот на контроли од ставот 1 на овој член почнувајќи од 1 јануари 2011 година треба да изнесува најмалку 2%, а од 1 јануари 2012 треба да изнесува најмалку 3%.
Член 54
Решенијата за работилниците издадени до влегувањето во сила на овој закон важат до издавање на овластувања на работилниците согласно со овој закон, а најдоцна во рок од 15 месеца по влегувањето во сила на овој закон.
Постојните работилници кои нема да се стекнат со овластување согласно со овој закон во рокот определен во ставот 1 од овој член ќе престанат да ги вршат работите за инсталирање, проверка, контрола и поправка на тахографи.
Започнатите постапки за добивање на решение за вршење на работи за инсталирање, проверка, контрола и поправка на тахографи до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе продолжат според одредбите на овој закон.
Рок за донесување на подзаконски акти
Член 55
Поблиските прописи предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од еден месец од денот на влегувањето во сила на овој закон.
До денот на влегување во сила на поблиските прописи предвидени со овој закон ќе се применуваат постојните прописи.
Престанок на важење на прописите
Член 56
Со денот на влегувањето во сила на овој закон престануваат да важат одредбите од членот 2 точки 104,105 и 106, членовите 313, 314, 315, 316, 317, 318, 421 алинеја 4 и 370 став 1 зборовите: “313 став 8 и 9, 314 став 15 и 16, 315 став 6 и 7, 316 став 6 и 317 став 4 и 5”, во членот 373 став 1 зборовите: “315 став 5 и 317 став 3” и во членот 374 зборовите: “313 став 7 и 314 став 14” од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (“Службен весник на Република Македонија” број 54/2007, 86/2008, 98/2008 и 64/2009).
Влегување во сила
Член 57
Овој закон влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
ОДРЕДБА ОД ДРУГ ЗАКОН
Закон за изменување и дополнување на Законот за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.17/2011):
Член 22
Доколку во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, издавачот на картички добие потврда преку Tachonet мрежата дека физичко лице има возачка картичка издадена од странска држава должен е во рок од три дена да ја отповика важноста и валидноста на картичката со решение и истата да ја одземе од корисникот на картичката.
Закон за изменување и дополнување на Законот за работното време, задолжителните одмори на мобилните работници и возачите во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2011):
Член 6
Подзаконските акти од овој закон ќе се донесат во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.
По донесувањето на подзаконскиот акт од ставот 1 на овој член истиот веднаш, а најрано во рок од 24 часа ќе се објави во „Службен весник на Република Македонијa“.