Претпријатијата од областа на патниот транспорт во Република Македонија, заради остварување и унапредување на заедничките цели и интереси, организирани се во Стопанската интересна заедница за патен транспорт, согласно Законот за трговските друштва.
Заедницата делува под името Стопанска интересна заедница за патен транспорт „Македонија Сообраќај “ АМЕРИТ – Скопје, со седиште на улица 1506 број 22 , Момин Поток – Скопје, и законски застапник Управител Лефтер Андонов. Стопанската интересна заедница за патен транспорт Македонија Сообраќај АМЕРИТ е формирана во 1999 година, како наследник на деловната заедница за патен сообраќај Македонија Сообраќај, формирана во 1974 година, која пак произлезе од првото здружение на јавниот патен сообраќај, основано во далечната 1953 година.
Од 1993 стопанската интересна заедница е членка на меѓународната унија за патен транспорт ИРУ со седиште во Женева, преку која ги заштитува интересите на своите членки во меѓународните институции и форуми. Основачите и членовите на Стопанската интересна заедница се правни лица како од областа на превозот на стока, така и од областа на превоз на патници во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај. Стопанската интересна заедница во рамките на своите активности ги проучува прописите и стандардите во земјата и странство, изработува посебни анализи и стручни елаборати во врска со тековното работење и развојот на транспортните фирми, издава ТИР карнети, врши стручно оспособување на возачите за превоз на опасни материи, на советниците за безбедност при превоз на опасни материи, стручно оспособување за добивање на сертификат за учество на возачите во меѓународниот превоз на патници и стока, како и сертификат за професионална компетентност на управителот на транспортната фирма.