АМЕРИТ полноправна членка на БСЕК-УРТА

TRANSPORT AND LOGISTICS #151
23/07/2018
Примена на Регионална конвенција
06/08/2018

АМЕРИТ полноправна членка на БСЕК-УРТА

Од 1 јануари 2019 година и официјално ќе биде полноправна членка на Унијата на асоциjации за патен транспорт во Црноморскиот економски регион БСЕКУРТА, една од најзначајните меѓународни транспортни асоцијации во светот. Одлуката за стапување во полноправно членство на АМЕРИТ во БСЕК-УРТА ја донесе Генералното собрание на Унијата, на својата 33-та седница што се одржа на 8 јуни во Софија, а на која присуствуваа и претставници на СИЗ „Македонија сообраќај“ – АМЕРИТ, најстарата транспортна асоцијација во Република Македонија.

АМЕРИТ е членка на БСЕК-УРТА од 2016 година со статус набљудувач, но од 1 јануари 2019 година официјално ќе дејствува како полноправна членка на Унијата – потврди Лефтер Андонов, управител на СИЗ „Македонија сообраќај“ – АМЕРИТ. Ова, претставува одлична можност за АМЕРИТ да ги осознае најдобрите практики од 19-те асоцијации членки на Унијата. Ќе се трудиме, како и досега, стекнатото искуство да го пренесеме и примениме во Република Македонија, со цел подобрување на транспортната индустрија во нашата држава – истакна Андонов, наведувајќи дека на средбата на Генералното собрание на БСЕК-УРТА во Бугарија се дискутирало за теми од големо значење за државите членки на Унијата, а особен акцент е даден на одредени олеснителни мерки за намалување на долгите колони и часовите на чекање на граничните премини.

Унијата на асоциjации за патен транспорт во Црноморскиот економски регион БСЕК-УРТА моментално брои 19 асоцијации членки. Главната задача на БСЕК-УРТА е самоиницијативно и независно, активно да го промовира развојот на патниот транспорт во земјите во црноморскиот регион, во регионите пошироко со цел застапување на интересите на своите членки, како и интегрирање на Црноморскиот регион во светската економија и негово трансформирање во еден регион каде што преовладува мирот, стабилноста и просперитетот.

Инаку, БСЕК-УРТА е основанa во Анталија, Турција на 24 октомври 2011 година, од страна на националните здруженија на меѓународни патни превозници од 11 земји членки на Организацијата за Црноморска економска соработка БСЕК, и тоа: Албанија, Ерменија, Азербејџан, Бугарија, Грузија, Грција, Молдавија, Романија, Русија, Турција и Украина, со вкупна територија од 20 милиони километри квадратни и 330 милиони жители.